Глобалната состојба на намалување на штети

Harm Reduction International го објави 4то издание на извештајот „Глобална состојба на намалување на штети“.

Најновото издание на извештајот „Глобална состојба на намалување штети“ ги презентира последните проценки во однос на справувањето со ХИВ поврзан со употреба на дрога,  вирусен хепатит и туберкулоза. Извештајот исто така содржи тековни информации за сервисите за намалување на штети за секој од опфатените региони, како и за програмите за размена на прибор за инјектирање и обезбедување на супституциона терапија, намалување на штети во затворите, пристап до антиретровирусна терапија за лица кои инјектираат дроги, и развој на политики, меѓу останатото. 

Податоците собрани од извештајот овозможуваат критичка основа според која може да се мери напредокот во препознавање на намалувањето на штети на меѓународно, регионално и национално ниво, па оттаму и потребатаод 2008 година наваму да се објавува ваков извештај секои две години.Интегралниот извештај на англиски може да го преземете тука.

Дополнително, погледнете дел од податоците во извештајот илустрирани на следниот инфографик.

Иако намалувањето на штети спасува животи, онаму каде пристапот до намалување на штети е ограничен, како на пример на Филипините, ХИВ преваленцата помеѓу луѓето кои инјектираат дроги вртоглаво се зголемила од 1% на 41,6%, додека онаму каде има зголемен пристап до намалување на штети, како на пример Украина, ХИВ преваленцата помеѓу лицата кои инјектираат дрога се намалила за повеќе од половина, односно од 41,8% на 19,7%.