Едуцирањето на ранливите групи за туберкулоза дава резултати

Почнувајќи од 2006 година, Глобалниот фонд поддржува низа активности за унапредување на контролата на туберкулоза во Македонија. Помеѓу нив се и едукациите на ранливите групи кои во поголем обем од претходните години се спроведуваат од 2011 година и се наменети за луѓето кои употребуваат дроги, оние кои се лекуваат од зависности, сексуалните работници/чки, осудениците, Ромите, бегалците, внатрешно раселените лица, барателите на азил и луѓето кои живеат со ХИВ.

Оттогаш 34 здруженија на граѓани и јавни институции координирани од ХОПС - Опции за здрав живот Скопје, имаат спроведено 2225 едукативни работилници преку кои 14814 припадници на групите со најголем ризик добиле важни информации за превенцијата, рано препознавање и потребата за навремено и соодветно лекување на туберкулозата.

На почетокот од 2016 година беше спроведено истражување со цел да се проценат ефектите од овие едукативните работилници. Истражувањето опфати 580 испитаници од 14 населени места низ државата.  Истражувањето покажа дека постои видно подобрување на нивоата на знаења, на ставови и на практики поврзани со туберкулоза меѓу населението со најголем ризик, споредено со состојбата во 2010 година.  Воедно истражувањето покажа дека испитаниците кои биле едуцирани речиси по правило имаат повеќе точни информации за туберкулоза (начини на пренос, симптоми, превенција и лекување). Нивните ставови укажуваат на поголема грижа за сопственото здравје, за туѓото здравје и за туѓата добросостојба (што се демонстрира преку доверба во стандардните методи за справување со ова заболување и солидарост кон заболените), а истовремено тие почесто (барем декларативно) практикуваат навики кои штитат од пренос на туберкулоза.

Поради покажаната ефикасност, овие мерки треба да се одржат и да се унапредуваат по завршувањето на грантот од Глобалниот фонд. Потребно е и унапредување на капацитетите за здравствена промоција поврзана со туберкулоза во образовниот и во здравствениот систем, како и елиминирање на дискриминацијата кон ранливите групи. Програмите за превенција (вклучително и справување со социоекономските ризици со кои се соочуваат ранливите групи), рана детекција и соодветен третман на туберкулозата побаруваат стратешки пристап базиран на докази, меѓусекторска соработка и адекватно финансирање од страна на надлежните национални и локални институции.

Резимето од извештајот е достапно тука, а целото истражување може да ги најдете тука