Една година од аукцијата на ХОПС

Имаме меморија од една година, а тоа се насмеани лица, убава атмосфера, преполна Јавна Соба, Сашко Коцев во елемент и дарежливи познати македонски уметници, дизајнери, писатели и нашите Мрдни со прст! Ова беше сликата пред една година кога мрдавме со прст за децата чии родители се корисници на дрога и сексуални работници. Аукција за дечиња кои доаѓаат во центарот за ресоцијализација и рехабилитација во ХОПС. Целта ја постигнавме, собравме 295.692 денари и сега сакаме да ви се обратиме:

Најдраги, 

Веќе помина една година од нашата заедничка аукција и наша должност е да ви пренесеме како станавте дел од успесите и животите на нашите дечиња чии родители се корисници на дроги и сексуални работници.

Мораме да признаеме дека ние сме под импресии и сме многу радосни, зошто некои дечиња за првпат заминаа на зимување, некои на летување. Некои почнаа да тренираат фудбал, некои почнаа да учат јазик. Имавме и часови по глума кај Милош и видовме моќни таленти. Ова што го направивме заедно, менува граници, менува умови. Знаеме дека заедно сме моќни и дека оваа аукција е мотивација за наредни акции за кои ќе бидете обавестени, доколку сакате да станете дел од нив. Целиот тим на ХОПС мекнее. Од радост и убавини. Сакаме да Ви кажеме големо благодарам, за тоа што без размислување прифативте и дониравте. 


Сега накратко да ви кажеме што се направивме заедно: 

Имавме еднодневна екскурзија во Крушево со четири дечиња, шест дечиња беа на летен камп во Маврово, камп кој е реализиран заедно со Проект среќа и беа обезбедни со школски прибори за новата учебна година, оваа зима неколку дечиња беа за првпат на зимување во Крушево со поддршка на МТПС, претходно дечињата ги опремивме со зимски обувки, на две дечиња им ги покривме тренинзите за фудбал за 6 месеци, посетивме театар, таа година бевме и кај Милош на глума, дечињата продолжија да доаѓаат во нашиот центар каде се едуцираат, имаат сессии со нашиот прекрасен психолог, работат секојдневно со педагогот Ели, беа дел од космосот кој го направија нашите креативци од ХОПС, добиваа пакетчиња за Нова Година, славевме и родендени. Всушност оваа година ни беше динамична и убава, благдарејќи на сите донатори на самата аукција. И Ви благодариме. Сега сте дел од нивните животи и нашата организација.  

Оваа година планираме повторно акции поврзани со здравјето и правата на нивните родители. Полека припремаме и ќе ве поканиме да бидете дел од новните акции. Знаеме дека ја подигаме свеста, знаеме дека нашите дечиња се поприфатени, знаеме дека споро одиме, ама се движиме. И се надеваме дека секој ќе си ја добие грижата во ова општество како што ја заслужуваме! 

Поггледнете го АЛБУМОТ од минатата година. А ОВДЕ ги има сите имиња и дела кои беа дел од аукцијата!

Хопсовски поздрав!