Единаесетто издание на Дроги - Политики и практики

Го објавуваме единаесеттиот број на списанието Дроги - Политики и практики. Овој број го посветивме на просториите за безбедна употреба на дроги.

Просториите за безбедна употреба на дроги спасуваат животи. Тоа е веќе докажано и ние нема што повеќе да докажуваме на оваа тема. Или сепак имаме? Можеме да докажеме дека и во Македонија можат да се спасуваат животи на ваков начин. Само треба да се охрабриме да го предложиме тоа. И еве, собравме храброст да ја отвориме темава.

Јасно ни е дека во Македонија сѐ уште постојат луѓе кои сметаат дека дистрибуцијата на стерилен прибор за инјектирање дроги значи поттикнување на употребата на дроги, а ние веќе зборуваме за отворање простории во кои луѓето слободно и под надзор на лица обучени да им помогнат би употребувале дроги. Сепак нема да седиме и да чекаме да дојдат „подобри времиња“.

Основачите на М.А.С.К.А. не чекаа подобри времиња, туку уште во 1996 година ги засукаа ракавите и ја отворија првата програма за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија, а денес, иако М.А.С.К.А. згасна, вакви програми постојат во тринаесет градови во Македонија. И во тој процес имаше пречки и сѐ уште има, ама не можеме ни да помислиме колку ќе се раширеше ХИВ во Македонија доколку не постоеја програмите за намалување на штети, а заштитата од ХИВ е само една од придобивките од постоењето на овие програми. Тие спасуваат животи. Но, не само тоа. Тие придонесуваат за подобрување на целокупната општествена благосостојба. Затоа сметаме дека доволно молчевме.

Време е да излеземе од овој колосек и по повеќе од триесет години од отворањето на првата просторија за безбедна употреба на дроги во светот да проговориме за можноста за отворање простории за безбедна употреба на дроги во Македонија. За општо добро.

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.