Дозирање на психоактивни супстанции

Зборот предозирање укажува дека постои вообичаена безбедна доза и безбедна употреба на ПАС или на лек.

При повремена употреба на психоактивни супстанции (ПАС) во ниски и умерени дози, ретко доаѓа до сериозни и животнозагрозувачки состојби. Ризиците кои произлегуваат од употребата на психоактивните супстанции во голема мера зависат од типот на употребувата супстанција, дозата, честотата на употреба и мешањето повеќе видови ПАС.

Што е доза?

Поимот доза се однесува на ’количината на ПАС или лек внесена во организмот која ќе даде оптимални ефекти кај повеќето корисници‘. Во однос на класификацијата, дозите можат да се поделат на неколку нивоа: микродоза, праг, слаба доза, вообичаена доза, силна доза, тешка доза и предозирање (фатално или нефатално). Секој од овие нивоа се карактеризира со различно интензивирање на ефектите во зависност од видот на користената супстанција.
Во контекст на рекреативната употреба на ПАС, за безбедно и пријатно искуство клучно е разбирањето на дозите и нужна е претпазливост во однос на количините и на начинот на кои се користат. Консумирање повисока доза може да доведе до несакани искуства како екстремна вознемиреност, потенцирање на несакани физички и психички ефекти, непријатно психоделично искуство, хоспитализација или (во екстремни случаи) смрт. Премногу мала доза пак може да направи лицето да не ги почувствува ефектите во целост, што создава непријатно чувство и фрустрација. Ова не треба да се занемари бидејќи во вакви случаи повторно редозирање може да резултира со ненадејно интензивно и потенцијално опасно искуства кое тешко се контролира.

Класификација на дозите и нивоа на дејство

Иако различни супстанции предизвикуваат различни ефекти без оглед на дозата и на интензитетот на искуството кое можат да го поттикнат, можат да се поделат на различни нивоа.

Микродоза е потперцептивна доза која е толку ниска што најверојатно нема да предизвика директно забележливи или воочливи ефекти.

Праг е доза која ќе предизвика кај корисниците да ги доживеат ефектите на супстанцијата на суптилен, одвај осетлив начин или ќе помине сосема незабележано. Ова ниво е на сама граница со плацебо ефект и може да се игнорира со минимален напор, како на пример со насочување на вниманието кон друга активност. Корисниците може да ги насетат нејасните чувства на „нешто“ кое се случува на ова ниво, но потешко може да се разликува од плацебо ефектот. Поискусните корисници полесно можат да го насетат прагот на дејството.

Слаба доза ќе предизвика ефекти кои се видливи и јасно се разликуваат од трезвеноста, но остануваат во заднината на перцепцијата на корисникот. Ефектите на ова ниво можат да се игнорират со зголемување на фокусот и насочување на вниманието кон вршење на некоја задача или активност. За да го осети корисникот дејството на супстанцијата, потребно е насочување на вниманието за да може да се препознае и да се забележи дејството на ова ниво. Притоа вниманието на корисникот не е целосно насочено кон дејството.

Вообичаена доза – На ова ниво ефектите и природата на дејство на супстанцијата се многу јасни и воочливи, а игнорирањето на дејството станува потешко (иако искусните корисници можат да го постигнат тоа). Корисникот генерално ќе може да ги извршува своите секојдневни активности, ќе остане функционален и комуникативен. Ефектите доминираат, но можат да се потиснат во втор план доколку постои активност кон која ќе биде насочено вниманието.

Јака доза прави корисникот да е неспособен да функционира во вообичаен контекст, да биде во нормална интеракција со други лица или да размислува на трезвен начин. Ефектите на дрогата се јасни и во преден план, вниманието е насочено кон дејството на супстанцијата и на ова ниво тешко се игнорира. Корисникот е целосно обземен од искуството.

Тешка доза – Достигнатае горната граница или плафон на она што супстанцијата е способна да го предизвика во однос на забележливи психоактивни ефекти. Во зависност од користената супстанција, корисникот може да е неспособен за функционирање на најосновно ниво, искуството да е придружено со крајно непријатни несакани ефекти. Треба да се напомни дека на ова ниво можат да настанат штети по здравјето во некои случаи.

Предозирање – Дозата е поголема од препорачливата или вообичаено користена со можност да резултира со смрт или сериозна штета по здравјето. Во вакви случаи секогаш треба да се бара итна медицинска помош. Кај регуларни и искусни корисници во овој случај толеранцијата може да помогне за да се преживее состојбата или да се избегне настанување на штета по здравјето.

Дефинирање на поимот ПРЕДОЗИРАЊЕ
 
Поимот предозирање подразбира ’користење ПАС или лекови во количини или дози поголеми од препорачаните или вообичаено користените‘. Предозирањето може да се манифестира како интоксикација (токсична или  состојба на труење) или смрт.

Зборот предозирање укажува дека постои вообичаена безбедна доза и безбедна употреба на ПАС или на лек. Предозирањето со ПАС или со лекови понекогаш е предизвикано намерно заради самоубиство или самоповредување, но многу често предозирањето е случајно, како резултат на намерна или на ненамерна (зло)употреба на ПАС или на лекови.

Користењето илегални ПАС со непозната чистота, во големи количини или по одреден период на апстиненција, исто така може да доведе до предозирање. Корисниците на хероин на пр. кои инјектираат лесно можат ненамерно да се предозираат бидејќи линијата меѓу пријатно чувство и пречекорување на предозирачка доза е многу мала.

Најчести причини за предозирање при користење ПАС

Најчести ПАС или група ПАС кои се споменуваат како причинa за предозирање и за смрт се: опиоиди (хероин, метадон, морфин, трамадол, фентанил и др.), алкохоли (етил алкохол, метил алкохол и етилен гликол), седативи/хипнотици (бензодијазепини, барбитурати, ГБХ и кетамин), психостимуланси (кокаин, амфетамин, метамфетамин, никотин) или при мешање на повеќе ПАС со различно дејство.

Знаците и симптомите на предозираност зависат од видот ПАС и нивото на изложеност. Симптомите често се поделени во различни токсидроми или облици или нивоа на интоксицираност (труење). Преку нивоата на интоксицираност може да се препознае или открие кој вид ПАС го предизвикало предозирањето.

Предозирањето може да биде животнозагрозувачка состојба и оттаму битно е да се препознае. Доколку постои сомнеж за предозирање треба веднаш да се повика служба за итна помош. Во продолжение се опишани најчестите симптоми на предозирање од ПАС и третманот.

Опиоидно предозирање (морфиум, хероин, метадон, трамадол, фентанил). Најчести симптоми: отежнато дишење: бавно, плитко дишење или отсуство на дишење, забележително 'рчење; губиток на свест – корисникот може да не реагира на надворешни дразби, дури и ако дразбата е болна во нормални околности (на пр. силно штипење или удирање); промена на бојата на кожата во модра или сива, особено околу устата и на екстремитетите; гадење и повраќање – постои опасност од задушување, особено доколку лицето е несвесно и не се наоѓа во безбедна странична позиција; успорена работа на срцето – пулсот може да е слаб или отсутен; стеснети зеници; епилептични напади; мускулни грчеви – телото може да се тресе во грчеви, да биде цврсто и круто.

Третман: Опиоидната предозираност се третира со налоксон. Налоксонот не е ефикасен кај некои опиоиди како што е суфентанил. Ако поединецот не реагира на налоксон, се даваат дополнителни дози додека не се постигне нивото од 10 mg придружено со асистирано дишење. Доколку постои сомнеж за предозирање, лицето треба да се помести во безбедна странична положба и да се повика итна помош.

Предозирање со психостимуланси (кокаин, амфетамин, мет-амфетамин, МДМА, никотин). Најчести симптоми се: забрзан и неправилен срцев ритам; висок крвен притисок; збунетост; гадење и повраќање; вознемиреност – во одредени случаи екстремна вознемиреност која може да се манифестира со панични напади; параноја; илузии; неконтролирано грчевито тресење на телото; забрзано дишење; болка при мокрење; зголемување на телесната температурата; повторувачки безволни движења – тикови;  епилептични напади; психоза; серотонински синдром.

Третманот на предозираност со психостимуланси се состои од давање бензодијазепини за да се намалат непријатната возбуденост и вознемиреност. Физичко ладење на телото е потребно за да се спречи прегреаноста на телото и за да се надоместат течностите со пиење вода или изотонични пијалаци доколку лицето е свесно.

Предозирање со алкохол. Најчести симптоми: збунетост; гадење и повраќање; отежнато дишење; промена на бојата на кожата – модра или сива; нарушување на терморегулацијата – ниска телесна температура; губење контрола на моторните функции; губиток на свест; вртоглавици; епилептични напади.

Третман: Доколку лицето е вознемирено или возбудено треба да се зборува со лицето. Потребно е да е безбедно за да не се повреди. Доколку лицето е онесвестено постои опасност од задушување доколку повраќа додека лежи на грб и не може да се заврти во безбедна странична лежечка положба или да стане. Ако состојбата се влоши или продолжува во подолг временски период треба да се повика итна помош.

Предозирање со синтетски канабиноиди. Најчести симптоми: забрзана срцева работа; висок крвен притисок; гадење и повраќање; вознемиреност – често со панични напади; чувство на неизбежна пропаст; психотична епизода; епилептични напади; губење контрола на моторните функции.
Третман: Ако се присутни возбуденост и вознемиреност, лицето треба да се убеди дека сѐ е во ред. Доколку лицето е во бессознание, да се помести во безбедна странична положба и веднаш да се повика итна помош.

Психоделичните супстанции како ЛСД, халуциногени печурки и др. несоодветно дозирани можат да создадат негативни искуства или непријатни ментални состојби кои тешко се контролираат, а се манифестираат со конфузија, непријатна возбуденост, вознемиреност, панични напади, непријатни халуцинации, психотична епизода или чувство на полуденост која не поминува.

Третман: Со лицето треба да се разговара и да се увери дека е безбедно и дека со поминување на дејството на супстанцијата сѐ ќе биде во ред. Кај сериозна вознемиреност и непријатна возбуденост се користат бензодијазепини за да се намалат непријатните несакани ефекти, а кај случаи на индуцирана психоза антипсихотични лекови.

Соодветна доза

Разбирањето на дозите е клучно за доживување безбедно и пријатно искуство. Доколку се користат ПАС, најдобро е да се избегнуваат дози и нивоа на дејство со кои корисникот не е запознаен, односно би можело да му создадат непријатно чувство кое тешко се контролира. За еден неискусен корисник најсигурно е да започне со најмала можна доза за да може да се запознае со природата и со дејството на супстанцијата. На овој начин се минимизираат ризиците за појавување негативни искуства. Хероизмот и користењето високи дози е многу ризично, особено за млади и неискусни корисници.

Индивидуално секој различно ќе реагира на одделна ПАС во зависност од факторите како што се: личен сензибилитет, толеранција, невро-физиологија, телесна тежина, метаболизам, исхрана, одмор, расположение и сл. Битен фактор кој треба да се земе предвид е чистотата на ПАС која секогаш варира од производ до производ. На некои супстанции им треба повеќе време за да започне полното дејство (некогаш и од 2 до 4 часа) и невнимателното редозирање си носи свои ризици.
Кај честата употреба на некои ПАС се создава толеранција. Организмот се навикнува на ефектите од супстанцијата и потребно е зголемување на дозата за постигнување оптимално дејство. По период на зачестено користење и прекин, потребно е време толеранцијата да се врати во нормални граници. Кај повеќето супстанции за 3 до 7 дена толеранцијата се намалува на пола, додека за 1 до 2 недели се враќа во нормала.

Компулсивно редозирање (принудно редозирање) се опишува како порив или желба за постојано редозирање со ПАС во обид да се засили или да се одржи дејството. Оваа појава е типична кај користењето алкохол или кај стимуланси кои предизвикуваат пријатни физички и емоционални ефекти како когнитивна или физичка еуфорија. Ова може да резултира со потенцирање на несаканите ефекти и непријатни чувства кои се засилуваат со повисоките дози.

Давор Смиланов

Авторот е доктор по медицина. Дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија. Д-р Давор Смиланов раководи со Медицинскиот сервис во Центарот за намалување на штети во Капиштец, кој е дел од Програмата за намалување на штети на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има учествувано во бројни национални и регионални проекти, конференции и кампањи за намалување на штети од употреба на дроги.