Девето издание на Дроги - Политики и практики



Дроги - Политики и практики

Тема на бројот - Млади и дроги

С О Д Р Ж И Н А


Воведен збор: Решенија постојат – само некој треба да послуша

Поддршка ИМА! Пари НЕМА!!

Со тешки нозе се движевме кон плоштадот Македонија и со тивок глас разговаравме дали е можно по 12 години стоење на браникот на епидемијата сега да згаснеме неславно и да исчезнеме во заборав. Зарем е можно да се случи да немаме одбрана од епидемијата која  во сите европски земји се намалува, а кај нас по децениско успешно одржување на ниска стапка на ХИВ-инфекција да дојдеме до тоа да не се одвојуваат средства за основните сервиси? Зарем е можно по 12 години државава да не се грижи за своите граѓани? Автор: Денис Ампев

Порака за негрижа - Интервју со Елеонора Панчевска Николовска

Програмите за намалување на штети од употреба на дроги се соочуваат со сериозна закана од затворање доколку од Буџетот на Република Македонија не се одвојат средства за нивно понатамошно одржување и развој. Со тоа многу луѓе ќе ја изгубат единствената здравствена, социјална и правна поддршка што ја добиваат во оваа држава, а последиците ќе ги почувствува целото општество. Ова не е само наше субјективно гледиште. Слични согледувања споделуваат и вработените во Град Скопје од Одделението за социјална, детска и здравствена заштита. Затоа ја замоливме Елеонора Панчевска Николовска за разговор во кој таа ги претстави сопствените видувања за придонесот на програмите за намалување на штети за заштита на јавното здравје и за потенцијалните штетни последици од згаснувањето на овие програми.
Разговорот го водеше: Вања Димитриевски

Пари за програмите за ХИВ има,
на потег се политичарите

Иако буџетот на Министерството за здравство на Република Македонија располага со можности за финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги, тешко може да се разбере зошто овој дел од буџетот за 2017 година е значително намален. Дали Министерството за здравство сакало да го избегне финансирањето на овие програми, а со тоа и обврските преземени со договорот меѓу Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и Владата на Република Македонија? Автор: Стефан Стефанов

Обезбедување одржливост на програмите за намалување на штети од употреба на дроги со средства од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари


Средствата од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари, кои секоја година ги добива Министерството за здравство, наменети за унапредување на здравјето на граѓаните, претставуваат потенцијален извор на средства за финансирање на програмите за намалување на штети. Половина од овие средства наместо за обезбедување здравствена заштита се користат за тековни трошоци на Министерството. Автор: Дарко Антиќ

Истакнати психиотерапевти: 
Станислав Гроф, Клаудио Наранхо, Ралф Мецнер,  Лео Џ. Зеф

Уредува: Давор Смиланов

Македонската војна против дрогите


Под поимот војна против дрогите се подразбира ’спроведување полициски и воени интервенции за спречување на нелегалното производство, трговија и употреба на нелегални дроги‘. Под дроги се подразбираат ’сите психоактивни супстанции кои Обединетите нации и конкретните влади ги имаат прогласено за нелегални‘. Поимот војна против дрогите е популаризиран од медиумите по говорот на претседателот на Соединетите Американски Држави Ричард Никсон на 18 јуни 1971 година со кој ги прогласува дрогите за народен непријател број 1 и со кој најавува цврсти мерки за искоренување на дрогите. Автор: Вања Димитриевски

Дозирање на психоактивни супстанции


Зборот предозирање укажува дека постои вообичаена безбедна доза и безбедна употреба на ПАС или на лек. Автор: Давор Смиланов

Меѓународна конференција за намалување на штети од употреба на дроги


Да се биде дел од Харм ридакшн (Harm reduction) заедницата значи да се бориш за правата на луѓето кои употребуваат дроги, но и на сите останати заедници, подразбира пасија, заедништво и љубов кон човекот. Сепак на отворањето на 25. конференција за намалување на штети од употреба на дроги која се одржа во мај оваа година во Монтреал, Канада, Седалија Кавенотас Фацио (Sedalia Kawennotas Fazio), како припадничка на Мохавк народот, нѐ потсети на нивните вредности дека без грижа и без почитување на мајката Земја и природата не можеме да имаме доволно љубов ниту за луѓето. Автор: Влатко Деков

Препорачуваме

Кратки вести