25I-NBOMe


25I-NBOMe (2C-I-NBOMe, "N-bomb") е фенетиламински психоделик - нова психоактивна супстанца (НПС), чест претставник од серијата NBOMe (25B-NBOMe, 25C-NBOMe, 25D-NBOMe, 25I-NBOMe, 25N-NBOMe). Дериват е на субститутскиот фенетиламин 2C-I. Од 2C-x серијата се разликува по високата  потентност изразена во микрограмски дози. Оваа супстанца за прв пат е откриена во 2003 година од страна на Германскиот хемичар Ралф Хеим (Ralf Heim) на Free University of Berlin, а набргу потоа ја истражуваше тимот од Purdue University предводен од Американксиот фармаколог David Nichols.

Првите податоци за рекреативна употреба на оваа ПАС се забележани во 2010 година, кога преку интернет продавници започнува продажба означена како „research chemical” (експериментална супстанца / истражувачка дрога). Во 2012 година по неколку случаи на хоспитализација и фатален исход во САД доаѓа до поголема медиумска популаризација. Од нејзиното појавувањето во 2010 година до денес постојат бројни случаи на интоксикација и смртни случаи како резултат на предозирање. 

25I-NBOMe е активна во дози помали од 1 милиграм, па често се наоѓа во форма на картони (blotter), импрегниран со раствор на 25I-NBOMe. Токму поради формата во која се продаваат и слично дејство често се поистоветува со ЛСД. 

25I-NBOMe на црниот пазар се продава и во форма на прав и постојат податоци за користење со шмркање, како и фатален исход кај преку 20 корисници во САД, Велика Британија и Австралија.


Дозирање на оваа ПАС е контроверзна тема бидејќи се евидентирани смртни случаи со дози кои претходно биле прифатливи. Препорачлива доза се движи помеѓу 200 – 800 микрограми. Дејството на 25I-NBOMe трае од 6–10+ часа доколку се користи подјазично или со 30 минутно џвакање во устата. Со шмркање дејството започнува побрзо и трае пократко од 4–6 часа. 

25I-NBOMe има слично дејство како ЛСД, иако корисниците на 25I-NBOMe укажуваат дека постојат повеќе негативни ефекти и ризици во споредба со ЛСД. Корисниците истакнуваат дека 25I-NBOMe остава впечатлив горчлив, метален вкус во устата за разлика од ЛСД. Сепак најдобар начин за разликување на 25I-NBOMe од ЛСД е тестирање со дроги со реагенси (Проверка на дроги – Drug checking).

Дејството на 25I-NBOMe се карактеризира со еуфорија, физичка и ментална стимулација, чувтсво на љубов и емпатија, забрзување на мисловниот процес, интензивни визуелни ефекти, изменета состојба на свест, промени во перцепцијата и интензивни духовни искуства.

Можни несекани ефекти се забрзана работа на срцето, покачен крвен притисок, покачена телесна температура, збунетост, непријатна возбуда и немир, параноја, агресија, визеулни и аудиторни халуцинации, грчеви и акутно оштетување на бубрезите.  

Рекреативна употреба на 25I-NBOMe со себе носи фармаколошки и бихевиорални ризици. 25I-NBOMe е релативно нова супстанца и постојат малку податоци за фармаколошките ризици и интеракција со други супстанци. 25I-NBOMe стана забранета супстанца во повеќето земји во светот така и во РМ.     
    
NBOMe серијата се смета за помалку безбедна и недоволно испитана група ПАС во споредба со класичните психоделици (ЛСД, Псилоцибин) поради тешките физички ефекти и рекреативните дози кои се преклопувале со дозите кои биле фатални. Многу случаи на смрт поврзани со употреба на NBOMe супстанци вклучуваат погрешно означување на производот од самите дистрибутери, како и грешки во мерењето на дозите. 

СОВЕТИ:

- Ако решиш да користиш 25I-NBOMe (или било која супстанца од NBOMe серијата) биди внимателен поради можните ризици, штетни последици и можноста за предозирање;    
- Картони (блотери) кои се во продажба на црниот пазар содржат различни дози 25I-NBOMe (500–2000 микрограми) и секогаш треба да се биде претпазлив со дозирањето.
- НЕ е препорачливо конзумирање на повеќе од 1500 µg од било која супстанца од NBOMe серијата, а особено со шмркање ако е во форма на прав поради опасност од предозирање.
- Не се препорачува користењето на 25I-NBOMe во комбинација со лекови-антидепресиви, поради можноста за развивање на серотонински синдром (Живото-загрозувачка состојба).    
- Не ја користи оваа ПАС доколку имаш проблеми со срцето.    


Изјава за одрекување од одговорност !!
    

Инфографиците се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на ПАС. Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш информирај се добро пред што и да правиш и едуцирај се како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици од нивна употреба, а воедно да ги потенцираш бенефитите е инфомирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови. 


*ПАС- психоактивни супстанци